На светскиот ден на Слободата на медиумите ООН потсетува дека минатата година во светот се убиени 70 новинари, а од почетокот на оваа година до сега загинаа 14 медиумски работници. Црната статистика вели дека од 1992 година до сега се убиени повеќе од 1000 новинари, или секоја недела по еден. Во 2013-та година затворени се 211 новинари ширум светот.
-Светскиот ден на медиумите е потсетник колку е важна слободата на медиумите и нивната основна улога во опшетството, изјави претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ.
Таа е загрижена бидејќи безбедноста на новинарите е се повеќе загрозена, особено со развојот на настаните во Украина. Во Украина но, и во други земји каде што има немири новинарите се изложени на физички напади, заплашувања, затварања, а маѓународните организации мора да работат заедно за да извршат притисок на властите, вели Мијатовиќ.
Пред две недели организацијата Freedom House го објaви извештајот за слободата на медиумите во 197 земји во изминатата година. Македонија се наоѓа на 122 место, на дното од земјите во регионот. Србија е 74 место и оценета како делумно медиумски слободна земја. Пред неа е само Словенија на 39 место, Црна Гора е 78 место, Хрвтска на 83, Косово на 98 и Босна и Херцеговина на 103 место по слобода на медиумите.