26 од 27 членки на ЕУ ги поддржуваат заклучоците за Украина

Од:

Унгарија повторно ја повлече поддршката за заклучоците на Европскиот совет за Украина, кои го поддржуваат патот на земјата кон членство во ЕУ и ја нагласуваат нејзината подготвеност да ги зајакне санкциите против Русија.

Текстот на заклучоците има цврста поддршка од 26-те земји-членки, а Унгарија, како и на последниот самит во март, го блокираше формалното усвојување на заклучоците од страна на сите 27 земји-членки.

„Европскиот совет ја повикува Русија да покаже вистинска политичка волја да ја прекине својата агресивна војна, да се согласи на прекин на огнот и да се вклучи во значајни преговори“, се вели во текстот, изразувајќи ја својата подготвеност да усвои нов, силен пакет санкции, меѓу другото, за намалување на приходите на Русија од извоз на енергија.

Шефовите на држави или влади разговараа преку видео врска со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европските лидери нагласуваат дека, во соработка со истомислечки партнери и сојузници, ќе продолжат да обезбедуваат сеопфатна политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ.

Во текстот се повикуваат земјите-членки да продолжат да ги забрзуваат напорите за решавање на итните воени и одбранбени потреби на Украина, особено во однос на снабдувањето со воздушна одбрана, системи против беспилотни летала и муниција од голем калибар.

Исто така, се нагласува важноста од забрзување на работата за понатамошна поддршка и развој на одбранбената индустрија на Украина и продлабочување на нејзината соработка и интеграција со европската одбранбена индустрија. Лидерите ја изразија својата подготвеност да придонесат за безбедносните гаранции, помагајќи ѝ на Украина да развие капацитети за ефикасно одвраќање на агресијата и одбрана на земјата.

Се повикува Советот итно да усвои нов пакет санкции, чие усвојување е заглавено поради блокадата од страна на Унгарија и Словачка. Во согласност со правото на ЕУ, руските средства треба да останат замрзнати сè додека Русија не ја заврши својата агресивна војна против Украина и не ја надомести штетата предизвикана од таа војна, се вели во текстот.

„Европскиот совет го повторува вроденото право на Украина да ја избере својата судбина врз основа на Повелбата на ОН и меѓународното право“, рекоа 26-те земји-членки на ЕУ, повикувајќи на отворање на Кластер 1 во преговорите за пристапување.

Комисијата оцени дека Украина ги исполнила условите за отворање на првиот, основен кластер што ги опфаќа поглавјата за владеење на правото, но за неговото отворање е потребна согласност од сите земји-членки, која сè уште недостасува поради противењето на Унгарија.

Би можело да ве интересира

Блумберг: Трамп се откажа од прекинот на огнот во Украина

Орбан: Украина не е во НАТО и ќе се погрижам така да остане

Северна Кореја испраѓа нови трупи во Русија: Москва се спрема за нова офанзива во Украина

Захарова го осудува договорот за Специјален трибунал за злосторства од агресија против Украина

РИА: Спроведена е нова размена на затвореници меѓу Русија и Украина

Украина го запре напредувањето на Русија