Новинарски здруженија од Македонија побараа грчкиот портал „Иефимерида“ да ги објави имињата на македонски новинари и медиуми кои наводно земале пари за јавно да навиваат за договорот од Преспа. Грчкиот портал месецов објави информации дека грчката влада потрошила милионски суми за корумпирање на македонски медиуми и новинари.
Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија инсистира имињата да бидат објавени.
„Писмото до порталот го испративме во четвртокот, со јасно барање да ги објават сите имиња на новинари и медиуми кои што наводно добиле пари од грчкото министерство за надворешни работи за да го промовираат договорот од Преспа. Во писмото ние изразуваме загриженост за ширењето на ваквите шпекулации, кои претставуваат удар врз кредибилитетот на сите македонски новинари. Ние не смееме да дозволиме такви полувистини или шпекулации, нецелосни информации да го валкаат образот и довербата на македонските новинари кај македонската јавност. Инсистираме имињата на медиумите и новинарите, ако постојат, да ги објават. Доколку не го направат тоа, во писмото истакнуваме дека ваквите информации ќе ги сметаме за злонамерни, со намера да го валкаат угледот на македонските новинари, да влијаат врз уредувачката политика на македонските медиуми и да служат единствено на интересите на политичките елити во Грција и во Македонија“, изјави за „Макфакс“ претседателот Селмани.
Тој бара и официјална реакција до Грците од македонското Министерство за надворешни работи нагласувајќи дека објавената информација за корумпирани новинари и медиуми во Македонија е директен упад во внатрешните работи на Македонија.
„За нас е зачудувачки што нашето Министерство за надворешни работи досега воопшто не реагираше на ваквите шпекулации. Колку што јас имам информации, имаше реакција од грчкото министерство за надворешни работи кое на некој начин потврди дека тие располагаат со некој таен фонд што го користат за да ги промовираат нивните интереси. Најмалку што можеше да направи нашето МНР е да побараше информација или објаснување од грчкото МНР во врска со објавените информации во Грција дека нивното министерство на некој начин корумпира новинари и медиуми во Македонија за да штитат интереси на грчката држава. Информацијата што ја објавивме ја доставивме и до МНР за да знаат дека ние како Здружение веќе се интересираме за овој случај и сме заинтересирани да се разјасни и на некој начин да го заштитиме угледот и довербата на македонските новинари затоа што најголемата штета е токму тоа – да се релативизира довербата што ние како новинари ја имаме во јавноста и што и да кажеме во иднина јавноста да го земе со резерва, да не влијаеме во креирање на јавното мнение во земјата и тоа да зависи од манипулациите што политичките елити во двете земји сакаат да им го сервираат на граѓаните“, вели претседателот Селмани.
Писмото до грчкиот портал е потпишано од Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите на Македонија и Независниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Од Министерството за надворешни работи не добивме одговор дали ќе преземат официјални мерки по објавите во грчките медиуми како и по барањата на македонските новинарски здруженија.
Маја Илиевска-Пачемска