Нервозни студенти со маски на лицето во редици со часови чекаат пред Правниот факултет да запишат семестар во новата академска година. Процедурата мора да ја завршат со физичко присуство и лично да ги предадат уплатниците и формуларите за заверка на студентските прашања во точно определен рок.
Како што велат секоја година е хаос пред шалтерите поради бирократските процедури, но овој пат нервозата е поголема затоа што во услови на пандемија мора да се „гужваат“ и да се изложат на опасност од ширење на коронавирусот. Затоа бараат факултетот да најде итно решение за да може административните работи да се одвиваат по електронски пат.
„Ова е веќе срамота и претеризам во време на Ковид 19, под маски, сонцето пече, се угушивме. Само се фалат дека ќе воведат дигитализација , дека се ќе функционира електронски, но испадна дека се само празни зборови, без никаква заложба“.
„Чекам три часа овде пред факултетот, електонски не може да се запише семестар, ниту да се изврши уплата. Еве на Штипскиот Универзитет се одвива се електронски , а велат бил послаб од УКИМ , но испадна дека не е така“.
„Нервозни сме, гледате какава долга редица е, не знам дали денес воопшто ќе успеам да влезам. Треба да има некаква организација, да се пријавуваме електронски, но очигледно нема, затоа што не гледам на ниту еден друг факултет да се чека вака ред“, за „А1он“ изјавија револтираните студенти од Парвниот факултет.
Претседателот на студентското собрание на УКИМ Борјан Ефтимов вели дека веќе имале средба со надлежните и ги изнеле проблемите со кои се соочуваат студентите кои бараат итна дигитализација на факултетите и намалување на бирократските процедури при упис, заверка на семестри и пријавување на испити.
„Студентите секојдневно се соочуваат со безброј фрустрации, редици и дезорганизираност поради застарениот начин на функционирање на УКИМ. Ова е прв пат да имаме редици пред студентските прашања поради непотребните бирократски процедури за обично уверение или друг документ кој студентот би можел да го добие по електронски пат. Гледајќи ги овие проблеми, единствен логичен чекор кој Универзитетското студентско собрание веќе го презема е барањето брза дигитализација и осовременување на нашиот Универзитет како во административното работење на Универзитетот, така и во наставниот дел. Очекуваме до уписот на следниот семестар да се најде решение и да не ни се повтори оваа слика во февруари“, вели Ефтимов.
Како што вели тој проблемот не е само на Правниот факултет, со турканици и редици се соочуваат студентите од скоро сите факултети на УКИМ, но тука дополнителен проблем е што на студентските прашања работат само двајца службеници што ги доведува во ситација студентите со часови да заглават во администравните процедури.