„Нема правда нема мир“, „Мафија, мафија“ „Лопови“, „Доста го дерете народот“, извикуваа револтираните граѓани на протестот пред Министерството за правда против извршителите, кои и понатаму, како што велат, вадат стари сметки за наплата и инкасираат огромни суми од грбот на граѓаните. Тие порачаа дека нема да се смират додека не се најде решение за овие драконски казни и секоја недела ќе протестираат додека надлежните не се огласат и преземат конкретни мерки.
„Криминалот е влезен во секоја пора на општеството. Извршителите ги чуваат како старо вино старите сметки и ги вадат од подруми со огромни камати за извршување со што продолжува соголувањето на најсиромашните. Каде го има ова? Иако има нов трошковник, кој важи од 2019, тие вадат стари сметки од пред 10 години и за мали долгови бараат енормни суми. Ова што го прават е рамно на геноцид. Нема да молчиме, нема да седиме со скрстени раце, ќе си ја бараме правдата по секоја цена“, порача Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“.
Граѓаните велат дека не прифаќаат повеќе преговори, туку конкретни решенија. Порачаа дека доколку надлежните не го сменат законот со кој ќе престане соголувањето на народот, ќе ја земат правдата во свои раце.
„Доста ни е од лажни преговори. Доста ни е од ветувања, нека се свести оваа власт, нека погледне кон народот. Јавно ги повикуваме и Владата и пратениците и претседателот на државата, затоа што револтот е огромен. Ако не го решат проблемот тие, оваа маса народ ќе се осмели и ќе си ја земе правдата во свои раце“, додаде Марјан Ристески, еден од иницијаторите на протестот.
Според иницијаторите, во државата има над 80.000 граѓани или 130.000 вкпуно сметки што се предмет на извршување.