ВИДЕО: „Ја уби ќерка ми, а доби само 1 година затвор“ семејството Стојанови жртви на македонскиот правосуден систем

Од:

По цели 15 месеци семејството Стојанови ја дочека судската пресуда за смртта на нивната 28-годишна ќерка Здравка.

Иако не очекуваа, судбината ги натера да водат постапка против братучед на нивниот зет кој доби минимална казна затвор од 1 година. Стојанови незадоволни од пресудата, велат дека се жртви на меѓусебна спрега помеѓу обвинетиот, обвинителството и судот.

Сообраќајната несреќа која се случила на 17 ноември 2017 година во соседна Србија на автопатот Белград-Ниш, ги зави во црно Тодор и Валентина Стојанови од Велес. Патничкото возило во кое била нивната ќерка Здравка Стојанова Ристовска со брзина од 100 километри на час излетало од коловозот по што починала на лице место. Во автомобилот биле нејзиниот сопруг Панче Ристовски, неговиот братучед кој управувал со возилото, Љупче Теовски и сопругата Цветанка Теовска. Сите тројца се здобиле со тешки телесни повреди.

-Ми јавуваат на телефон, Тоше децата направија сообраќајка, твојата ќерка Здравка не е повеќе помеѓу живите. Можете ли да замислите што се случило со мене тогаш. Ме донесоа до дома, како да и кажам сега на сопругата, како да и кажам нешто во што ни јас не можам да поверувам. Чувството е страшно, вели Стојанов.

Теовски е обвинет за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за што е предвидена затворска казна и до 5 години. Сенка врз целиот случај остава фактот што родителите на Здравка воопшто не биле повикани од велешкото обвинителство во најмала рака да бидат информирани за постапката.

Семејството Стојанови не се согласува со изречената пресуда. Tврдат дека се жртви на меѓусебен договор помеѓу обвинетиот Љупчо Теовски, обвинителката која го покренала случајот, Анастасија Миланова и судијката која пресудила согласно спогодбата, Аница Теова.

На 30 ноември 2017 година, Тодор своеволно се појавил во обвинителството за да се информира до каде е постапката. Оттаму му било кажано дека се работи на случајот и дека засега нема потреба да бидат повикани тој и неговата сопруга, а за понатаму ќе бидат известени.

Обвинителката Анастасија Миланова од велешкото јавно обвинителство на 25 декември 2018 година отпочнува истражна постапка за случајот, но Стојанови и понатаму остануваат изолирани од сите случувања во обвинителските простории.

По цели 15 месеци молк од надлежните органи, во јануари годинава Тодор повторно по сопствена иницијатива се појавил во обвинителството со цел да се информира за судската постапка за смртта на неговата ќерка.

Одговорот кој следувал, не го оставил рамнодушен.

-Ми кажува случајот е затворен. Седнале адвокатот на обвинетиот со спогодбено барање обвинетиот Теовски Љупче да го признае делото и да лежи 6 месеци затвор. Обвинителството не му го уважува тоа барање, му дава 1 година затвор без право на жалба. Човекот значи бара 6 месеци, му даваат една година „многу строга“ казна и е наведено дека ниту тој ниту пак било која страна во постапката нема право на жалба. Тоа е правосилно решение. Него сигурно му одговара да не се жали, меѓутоа нас како родители не ни одговара. И 50 години да го осудат нас ќерката нема да ни ја вратат, меѓутоа тоа ли е правдата во Македонија. Која е оваа правда која ја применувале тие. Седнале обвинителката, адвокатот на обвинетиот и судијката, си се договориле дека Љупче треба да лежи 1 година. А што сме ние, нас ни го одзедоа правото на родителство, ние животот сме го посветиле за тоа дете. Ние сме целокупно игнорирани од овој случај.

А1он стапи во контакт со обвинителката Миланова која тврди дека целата постапка е вршена согласно законот и дека е реална затворската казна која е изречена на обвинетиот Љупче Теовски.

-Завршен е случајот, обвинетиот доби 1 година затвор. По закон, кога има спогодба за одреден случај семејството не се повикува на разговор. Семејството може, со спогодбата која е постигната да бараат надомест на штета. Кривичниот прогон заврши, за висината на казната не се прашува семејството. Доколку не се задоволни може да поднесат писмено барање до обвинителството и ќе добијат одговор. Ние понатаму ќе одлучиме дали повторно ќе отвориме предмет. За повторно отварање на случајот треба да имаат аргументи, вака како што стојат работите нема да им нова постапка. На обвинетиот не му е ублажена казната, за делото законот предвидува казна од 1 до 5 години, на него му е дадена една година. Така е правилото, колку жртви толку години затвор, вели Миланова.

Семејството на Здравка Стојанова поднесе и преставка до Советот на јавни обвинители, за како што велат, да се дознае како работат обвинителите во обвинителствата од помалите градови.

-Дадов преставка до Совет на јавни обвинители. Петнаесет и пол месеци чекам да се поведе постапка. Сега Советот има можност да види како им работат нивните обвинители по локалните обвинителства, вели Стојанов.

Мајката на Здравка, Валентина Стојанова, ни раскажа за животот на нејзината покојна ќерка. Од одлична ученичка до безрезервен хуманист. Помагаше на сите, не знаеше да каже не, вели таа.

-Јас како мајка страшно го пребродувам ова. Се работи за искличително дете кое беше беспрекорно во училиште, со дипломи, пофалници. Кај неа освен петка друга оценка не постоеше. Правеше семинарски, дипломски, магистерски. Беше златно дете што не знаеше да каже не и да не помогне на некој. Имаше многу идеи и желби. Беше поврзана со мене многу. Не можам да пребродам. Не сакам да се случува ова на никого, ова не е прво, но нема да биде ни последно. Не може некој лудо да вози, да добие една година затвор, доколку го помилуваат 6 месеци. Немам коментар за судството, пред се за тие мајки, судијка и обвинителка. Не може да не го повика родителот. И после смртта, пак ќе живее во нас, никој не може да ни ја одземе а најмалку они. Доколку има нормални луѓе во судството би требало да има правда. Не сакам да заглаван во судски лавиринт. Нив не ги интересира болката, не можам да опишам со која тежина се соочувам, вели Стојанова.

Тодор и Валентина се надеваат дека нивниот случај ќе има правична разрешница. Велат нивната ќерка не може да ја врати никој, но ова го прават со цел во иднина на никого да не му се случи правосудниот пекол низ кој тие поминуваат.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

СДСМ: Тошковски удри по професионалците во МВР

МВР предупредува на лажни „финансиски советници“ за криптовалути на социјални мрежи

Катерина Ѓуровски

Скопјанец возел во спортивна насока на автопатот кон Тетово

Скопската полиција заплени 6,2 килограми марихуана и 442 таблети екстази

Спасен давеник од Дојранско езеро

Скопјанец му дал 50.000 денари на лице кое лажно се претставило дека работи во МВР