Градоначалничката Данела Арсовска нема намера да го извади асфалтот на патеката околу лавиринтот во Градскиот парк.
Директорот на јавното претпријатие „Улици и патишта“, Благој Настов за „А1он“ рече дека делот што се асфалтирал вчера бил само подлога, а врз него ќе се постави тартан кој може да го користат и лицата со телесен инвалидитет. Тој вели дека асфалтот е само прва фаза во реконструкцијата на Градскиот парк, а во втората ќе биде поставена тартан патека. Меѓутоа вчера додека градоначалничката Данела Арсовска се сликаше по социјалните мрежи никаде не спомна дека ова е само прва фаза туку колку површина ќе асфалтираат. Целата акција со асфалтирањето како причина ја префрлија на лицата со телесен инвалидитет дека тие всушност барале да асфалтира Градскиот парк.
– Да ја појасниме цела ситуација, се крена прашина без потреба. За овој дел што го асфалтиравме имаше големи поплаки од родителите со деца со посебни потреби. Им беше отежнато движењето, а местото се уништи од подземните води. Од тие причини се одлучивме тоа да го решиме најбрзо со асфалт, но тоа е само првата фаза. Во втората фаза ќе ставиме тартан патека која се користи секаде во светот. Мора прво да се стави асфалт за стабилизација на теренот затоа што околу него има вода. Ниту ќе биде видлив, ниту ќе предизвикува негативни ефекти. Во паркот ќе се асфалтира асфалт на веќе постоечки патики кои се асфалтирани, но се руинирани во површина од 5.000 м2, а тие другите 7.000 м2 од патеките ќе бидат обновени со ризла. – рече Настов за „А1он“.
Додека тимови од ЈП „Улици и патишта“ работеа на патеките и на дел од нив поставуваа ризла, лицата со телесен инвалидитет од Здружението „Мобилност“ одржаа прес-конференција за да објаснат зошто побарале од Град Скопје да се изведат неколку градежни активности со кои ќе им биде олеснет пристапот во паркот и зошто треба да престанат реакциите во јавноста.
Тие побараа бетонирање на патеките во Градскиот парк за да може да имаат пристап до инклузивното игралиште. Но, беа затекнати од информацијата на директорот на дека земјените патеки нема да се асфалтираат и дека пристапот до игралиштето ќе биде земјен.
– Лицата со колички и со штаки не можат да се движат по ризла и затоа побаравме патеките да се асфалтираат, Со колички и лицата со штаки не можеме да се движиме затоа побаравме да има алфалтирани патеки, за да може и ние како и останатите граѓани да имаме пристап“, рече Христина Проскоска од здружението „Мобилност“.
Асфалтирањето на патеката кај лавиринтот и најавата за асфалтирање на сите земјени патеки предизвикаа жестоки реакции од граѓаните. Стручната јавност предупреди дека со асфалтирање на дел од зелената оаза во Скопје ќе се наруши еко системот, а асфалтните испарувања на температури над 40 степени целзиусови ќе влијаат врз здравјето на граѓаните. И експертите и граѓаните го повикаа Државниот инспекторат за животна средина веднаш да интервенира за да се спречи бетонизација на паркот.