(ВИДЕО) Александра Јанева, победничка на „Макфест“: Мислев како да го вратам сонцето

Од:

Вчеравечер во Штип љубителите на забавната музика имаа можност да ја проследат финалната вечер на 28-то издание на Макфест, насловено како „Враќање на корените“.

Иако организаторите на Макфест одлучија годинава да ѝ пркосат на традицијата укинувајќи ја традиционалната дебитантска вечер, младите изведувачи, сепак, успеаја да го свртат вниманието и да ги добијат наградите од публиката.

Композицијата „Врати ми го сонцето“, музика и текст на Ристо Самарџиев и аранжман на Владимир Дојчиновски-Дојчин, во изведба на младата струмичанка Александра Јанева, ги доби симпатиите на публиката и се закити со првата наградата. Младата Александра доби најголем број од гласовите на публиката и на првата фестивалска вечер, со што ваквата завршница беше очекувана.

„Искрено не се надевав дека ќе го освојам првото место. Единствено сакав публиката да ја почувствува емоцијата што јас сакав да ѝ ја пренесам. Кога помина првата полуфинална вечер од фестивалот, сфатив дека публиката го почувствува она што јас сакав да ѝ го пренесам. Секогаш додека пеам се соживувам со песната и мислев како да го вратам сонцето“, изјави Александра Јанева, победничката на 28-то издание на Макфест.

Ова е прв фестивалски настап на Александра, но публиката ја препознава благодарение на шоуто „Сите наши песни“, кое се емитуваше на МРТВ.

makfest2013-6

„Александра беше многу силна. Уште при самиот момент кога ја снимавме песната во облик на демоснимка почувствував дека тука има девојка што нема 19 години и на која ова нема да ѝ биде деби. Таа како да имаше 100 фестивали зад себе и како да имаше прочитано сто книги и поминато 100 кафеани. Таа го има осетот, а ако тоа еден изведувач го нема, тогаш не е пејач“, изјави Ристо Самарџиев, авторот на победничката мелодија.

makfest2013-1

Првонаградената Александра има само 18 години, а зачудува фактот што такви гласовни способности и прецизност во изведбата се несвојствени за изведувач што нема музичко образование.

makfest2013-2

Втората награда ѝ припадна на Марија Бунда со композицијата „Не ме познаваш“, а Мартинијан Кириловски со композицијата „Како да те украдам“ го освои третото место според гласовите на публиката. За најдобар дебитант на годинешното 28-то издание на „Макфест“ е избран Панче Илиев од Штип.

makfest2013-3

Она што фрли дамка на годинешното издание на „Макфест“ се техничките проблеми што ги имаше националниот сервис МРТВ, поради што не успеа да обезбеди директен пренос на фестивалот, но и поклопувањето со манифестацијата „Штипска пастрамајлијада“, која го зазеде централното место, ставајќи ги во сенка фестивалските случувања.

makfest2013-4

Ова уште еднаш покажа декамакедонската јавност, сепак, повеќе ги цени изведувачите што доаѓаат од поранешните југословенски простори отколку музиката на домашните изведувачи, што се покажа и со празнењето на салата во Домот на културата кога започна настапот на Харис Џиновиќ на пастрамајлијадата.

makfest2013-5

М.Р.

 

Би можело да ве интересира

Со кревањето на фестивалското знаме, започна „Макфест“

Завршен изборот на композиции на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“

Триесет и шесто издание на „Макфест“

Песната „Сакам да живеам“ од Нокаут победничка на 35-то издание на „Макфест“

Ана Ололовска

Публиката со маски и дистанца го славеше 35-от роденден на „Макфест“

Ана Ололовска

Штип: „Макфест“ може да се одржи на отворено, „Пастрмајлијадата“ откажана

Жарко Настоски