Украинскиот баптистички свештеник од градот Черкаси, Јуриј Бобкин, две недели е гостин во конаците на храмот „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“ во Струмица. Неговите браќа од Струмичката епархија на МПЦ-ОА, со благослов на владиката Јаков, го примиле откако пред 14 денови бил вратен од грчката граница заради забраната на Грција, со која не им се дозволува влез на граѓани кои не се од земјите членки на Европската унија до крајот на овој месец.
Бобкин има намера да престојува во руски манастир на Света Гора, а потоа со брод да продолжи за Ерусалим. На аџилак тргнал со велосипед во мај од родниот град и по патешествјата низ Молдавија, Романија и Бугарија, во државата влегол пред три недели на граничниот премин Ново Село и останал неколку денови во тамошниот манастир во истоименото село.
-Кога пристигнав на молдавско-романската граница не можев да продолжам. Границите беа затворени. По неколку денови чекање на границата дојде еден автобус. Влегов во него и кога ме прашаа каде е мојот багаж, јас им реков „еве го-тоа е мојот велосипед“. Успеав да влезам во Романија и продолжив кон Бугарија. Таму престојував во повеќе градови на брегот на Црното Море и продолжив кон Македонија, раскажува Јуриј.
Тој вчера наполни 52 години, а роденденот го прослави скромно. На нашето прашање зошто тргнал на аџилак среде пандемија на Ковид-19, вели дека знае за пандемијата, внимава, но е убеден дека го чува Господ.
– Привлечноста на моето срце отсекогаш бил Израел, веројатно затоа што татко ми имал еврејски корени во неговото семејство и затоа го избрав како дестинација за патувања. Моето прво патување не ја постигна целта, бидејќи тогаш започнаа сериозни воени операции во Сирија. Но, по околу една година, Бог ми даде можност да дојдам во Израел со авион и таму ме благослови со велосипед. Благодарение на ова, успеав да го патувам скоро 90 дена во Светата земја и да видам многу, да разговарам многу и да најдам многу нови пријатели и браќа. Помина време и желбата повторно да го посетам Израел не ме напушти. Но, не можев да се одлучам за патување зашто не ја видов Божјата волја. Непосредно пред појавата на епидемијата на коронавирус повторно бев мотивиран од духот на ново патување и штом се затопли, повторно тргнав, објаснува Бобкин.
Не сака многу да зборува за причините за неговиот аџилак. Со тешко срце, сепак, одлучи да ни раскаже за неговата судбина и одлуката да тргне во посета на Ерусалим со велосипед.
-Се беше добро-имав прекрасно семејство, заедно присуствувавме на служби, му пеев псалми на Господ, го прославував во црковниот хор, па дури и проповедав од говорницата. Но, одеднаш почувствував празнина одвнатре и студенило во моето срце, плачев до Бога дека сум бил со него веќе 10 години, но не научив вистински да го сакам ниту него, ниту мојот сосед. Се започна од тој ден. Нема да навлегувам во детали, но од тоа време на се што ги повикував луѓето почна да се распаѓа: семејството ми се распадна, во црквата избувна пожар, а по некое време татко ми, ѓаконот на црквата, почина, раскажа Јуриј.
Оттогаш почнал пресвртот во неговиот живот и скоро две години живеел во целосен стрес и трагедија.
-Тогаш решив да се ослободам од семејниот живот и да се посветам на службата на Господ. Бидејќи сакам велосипед уште од детството и Господ ми подари дарба за комуникација со луѓето, решив да ги комбинирам моите способности со Божјите планови и да се евангелизирам во улога на патувачки проповедник, ја дообјаснува Бобкин својата мисија.
Домаќин на гостинот од Украина е теологот Ванчо Тркалевски. Тој ни раскажа дека изминатите денови гостинот од Украина заедно со свештениците од Струмичката епархија на МПЦ-ОА присуствува на сите богослужби.
-Сака многу повеќе да го запознае христијанството, да научи нови работи. Секое утро со мене доаѓа на богослужби во црквата и веќе научи многу зборови од нашиот јазик и секако за нашата црква, вели Тркалевски, на чија иницијатива се сретневме со Бобкин.
На крајот Украинецот искажа голема благодарност до своите браќа и рече дека никогаш нема да го заборави престојот во Струмица. Ги одбројува деновите до крајот на август и се надева дека ќе може да стигне на целта од својата прва етапа до Света Гора, во Грција, а потоа да продолжи до Израел.