Телото на папата Франциск е привремено балсамирано и подготвено да го издржи топлото време во Рим пред да биде положено во базиликата Свети Петар, каде верниците ќе имаат можност да му оддадат почит, изјавија експерти за агенцијата Франс прес.
Телото на 88-годишниот поглавар на Католичката црква, кој почина во понеделникот на Велигден, ќе лежи во базиликата три дена, од среда до погребот во сабота.
Десетици илјади луѓе се очекува да чекаат во редици за да го поздрават Франциск, а како и со претходните папи, преземени се чекори за да се спречи неговото тело да се распаѓа во тие денови.
Телото на Францис беше подложено на процес на привремено балсамирање познат како танатопракси, рече Андреа Фантоци, основач на италијанскиот Национален институт за танатопракси (ИНИТ).
„Тоа вклучува вбризгување на течности за конзерванси преку циркулаторниот систем и естетска нега на лицето и рацете“, изјави тој за агенцијата Франс прес.
Таквата хемиска течна процедура мора да се изврши во рок од 36 часа по смртта.
– Неговиот ефект – помирен и поприроден изглед на покојникот – обично трае до 10 дена, продолжи Фантоци.
Ватикан во вторникот ги објави првите фотографии на папата во отворен ковчег, облечен во црвена наметка, со митра на главата и бројаница во раката.
Фотографиите се направени во понеделникот вечерта за време на миса во капелата на Каза Санта Марта, резиденцијата во Ватикан во која Франциск живееше во текот на 12-те години од неговото папство. Фантоци одби да потврди дали тој лично го балсамирал папата, наведувајќи ја приватноста на процесот и протоколите на Ватикан.
Италијанските медиуми јавуваат дека Фантоци го надгледувал балсамирањето на претходникот на Франциск, Бенедикт Шеснаесетти, кој почина во 2022 година, речиси една деценија по повлекувањето од функцијата.