На пазарот во Босна и Херцеговина се испорачува вода од Хрватска, која претходно беше повлечена од продажба во таа земја и во Словенија поради присуство на црн талог.
Како што пренесува сараевскиот портал Кликс, се очекува овој производ од полиците да го повлечат и надлежните агенции во Босна и Херцеговина.
Агенцијата за безбедност на храна на БиХ преку Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна (EU RASFF) била информирана дека на пазарот во БиХ била испорачана изворска вода со потекло од Хрватска во која, за време на официјални контроли, имало присуство на црн талог на дното на шишето што било и визуелно потврдено.
Според Агенцијата, името на производот е „Студена 1,5 л“, марка Студена, земја на потекло – Хрватска и може да влијае на здравјето на луѓето.
Три серии од оваа изворска вода беа повлечени од хрватскиот пазар пред четири дена, по што следуваше известување до земјите кои ја увезуваат оваа вода.
Хрватите објавија информации за тоа кои серии шишиња се повлечени, имено серијата со датум на истекување од 07/2024 година (серија 7B01000091) и уште две серии со датум на истекување 08/2024 година (серија 7B01000092 и 7B0901). Истата серија производи минатата недела беа повлечени од полиците во Словенија.
Наведениот производ не е во согласност со одредбите од Законот за храна (Службен весник на Босна и Херцеговина, бр. 50/04), додаваат од Агенцијата.
Сите достапни информации за производот, во согласност со важечките прописи, се доставени за понатамошно постапување до соодветните инспекциски тела во Босна и Херцеговина, од кои е побарано да преземат мерки и да ја известат Агенцијата за безбедност на храна на Босна и Херцеговина, наведува порталот.