Директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на денешната прес-конференција во врска со шестмесечниот извештај за работата на Инспекторатот информира дека е зголемен обемот на надзори во 2021 година во споредба со 2020 година.
Презентирајќи ги резултатите, посочи дека во периодот јануари – јуни 2021 година се реализирани 1.132 инспекциски надзори наместо планираните 866 надзори, или остварено е 30 посто повеќе од планираното.
– Во 2021 година се реализирани 185 надзори повеќе споредбено со 2020 година, односно во однос на 2020 имаме забележан раст од 20 посто, посочи Петровска.
Утврдени се 363 непавилности, односно законски повреди за кои се издадани решенија за нивно отклонување. За споредба, во истиот период во 2020 година се утврдени само 120 неправилности, или во 2021 е забележано зголемување од 203 посто.
Покренати се 43 прекршочни постапки од кои изречени се 36 санкции со глоба платен налог, а покренати се и две кривични постапки.
– Платните налози се со различни причини, голем дел од нив се изречени за отстапување од водостопанските дозволи, односно неплаќање на надоместоци за услуги од страна на комуналните претпријатија, понатаму сме имале спогодување со АД Водостопанство, во насока да се регулираат речните корита кои порано всушност беа издавани дозволи за регулација на речно корито, а не се вршеше регулација, само се вршеше копање на песок, сега со таа спогодба, АД Водостопанство има обврска по стационажи да врши регулација на речното корито, а дури потоа да продава ископан песок и чакал, информира Петровска.
Платни налози, додаде, се изречени и за диви отпади, забрани за работа на асфалтна и на бетонска база.
Најниските глоби, како што посочи Петровска се 3000 евра, а највисоката глоба изречена оваа година е 20 илјади евра – за една оранжерија во Градско.
Во 2021 во споредба со 2020 година, информира таа, зголемен е бројот на вонредни надзори, односно спроведени се 171 вонреден надзор, наспроти 71 во 2020 или зголемување од 138 посто.
– И покрај тоа што овој период тројца од вкупно 19 инспектори не вршеле надзори, затоа што еден инпектор е на неплатено отсуство од април, еден суспендиран заради сомнеж за поткуп и еден кој од вкупно шест месеци, пет месеци бил на боледување, посочи Петровска.
Во првото полугодие од 2021 година реализирани се 741 наспроти 749 редовни надзори од истиот период во 2020 година што е намалување од 1 посто, а ова, според Петровска, се должи на намалениот број активни инспектори на терен.
– Обемот на активности на инспекторатот е сериозно интензивен и со оние ресурси што ги имаме навистина одговараме на сите пријави на граѓаните кои пристигнуваат во голем број, затоа е зголемен и бројот на вонредни надзори, заклучи Петровска.