Нови препораки за патување во земјите од ЕУ во текот на пандемијата

Од:

Членките на ЕУ денеска се договорија за координиран пристап што ќе го олесни безбедното и слободно движење во земјите на Унијата за време на пандемијата на Ковид-19, а новите препораки ќе стапат во сила на 1 февруари.
Министрите на ЕУ се согласија дека мерките против ширењето на инфекцијата треба да се спроведат земајќи ја предвид здравствената состојба на поединецот, а не епидемиолошката состојба во регионот од кој доаѓа. Исклучок се „темно црвените“ области со високо ниво на циркулација на вирусот.

Тоа значи дека клучна одредница за патувањето ќе биде дигиталниот ковид-сертификат на патникот, односно потврдата дека е вакциниран, дека има негативен тест или дека ја прележал болеста.

Патниците со дигитален ковид-сертификат не треба да бидат изложени на дополнителни ограничувања за слободно движење.

– Тоа значително ќе ги поедностави правилата што се применуваат и ќе им обезбеди на патниците дополнителна прецизност и предвидливост, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс ги повикаа членките да ги применат заедничките правила, нагласувајќи дека прецизноста и предвидливоста за граѓаните на ЕУ се клучни за безбедно патување.

– Блисната координација на ниво на ЕУ е од суштинско значење, не само за функционирањето на единствениот пазар, туку особено за да се обезбеди прецизност и безбедност за луѓето кои патуваат во рамките на ЕУ, се вели во заедничката изјава на двајцата еврокомесари.

Тие додадоа дека досега се издадени повеќе од 1,2 милијарди ковид-сертификати и дека членките на ЕУ денеска потврдија оти поседувањето на тој документ треба да биде доволно за патување за време на пандемијата.

Советот на ЕУ соопшти дека од 1 февруари рокот на важност на потврдата за вакцинација ќе биде ограничен на 270 дена од последната примена доза.

Членките на ЕУ можат да прифатат и вакцини одобрени од националните власти или Светската здравствена организација.

ПЦР тестот не смее да биде постар од 72 часа, а брзиот антигенски тест важи 24 часа. Потврда за закрепнување од болеста може да се добие доколку поминат најмногу 180 дена од првиот позитивен тест.

Од оние кои немаат ковид-сертификат може да се бара да направат тест пред патувањето или најдоцна 24 часа по пристигнувањето.

Препораките на Советот не се правно обврзувачки, така што властите во земјите-членки треба да одлучат за нивното спроведување.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески