Над 320 натпреварувачи од 35 клубови од седум земји учествуваа на 11. Меѓународен турнир во џудо за помлади пионери, пионери и за кадети кој се одржа во текот на вчерашниот ден во спортската сала на средното училиште „Ристе Ристески Ричко“. Турнирот насловен „Прилеп град херој“ , во организација на џудо-клубот „Сеишин“ е традиционален и се одржува по повод Денот на народното востание – 11 Октомври.
Учесниците на овој спортски настан беа од 35 клубови од Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Косово и Македонија.
Присуствуваа и неколку познати светски имиња од џудо спортот: Славко Обадов, Павле Буљчиќ и Чихи Јанош.
Според професор д-р Славко Обадов, мајстор на џудо „9 дан“, освојувач на бројни медали од олимписки, светски, европски, балкански и држави првенства задоволство е да се видат стекнатите знаења во џудо спортот, посебно кај пионерите.
Многупати престојував во Македонија, како натпреварувач или на семинари, но ова сега е посебно задоволство да може да го набљудувам сето знаење кое го стекнале младите џудисти. Овој спортски настан да прерасне во уште поголема, помасовна и поубава манифестација, рече Обадов.
Претседателот на општинскиот совет Миле Талески нагласи дека овој Меѓународен турнир е дел од програмата на градот Прилеп за одбележувањето на 11 Октомври – денот на востанието. Успехот на џудото во Прилеп не е случаен.
– Прилеп дал многу врвни спортисти кои го носеле дресот на нашата држава, го пренеле ширум светот името на нашиот град. Тоа е една од причините поради која ние, како локална власт, му придаваме посебно значење на спортот и на спортистите, кои отсекогаш биле најдобрите амбасадори на нашата земја. Убеден сум дека во младите натпреварувачи се кријат наследниците на врвните џудо-спортисти, рече Талески.
Организаторот, џудо-клубот „Сеишин“ е задоволен од успешно организираниот меѓународен турнир.