Српскиот центар на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ, е избран за најкорисен играч (МВП) во НБА лигата во регуларниот дел од сезоната, соопшти лигата. Веста најпрвин ја објави угледниот спортски новинар Шамс Чаранија од списанието „The Atletic“.
Denver Nuggets star Nikola Jokic has won the 2020-21 NBA MVP award, sources tell @TheAthletic @Stadium.
— Shams Charania (@ShamsCharania) June 8, 2021
Јокиќ е првиот српски и првиот кошаркар од екс-Ју просторите и воопшто од Балканот во историјата, кој ќе биде МВП во НБА лигата. Тој до наградата стигнува речиси со консензус на играчите, експертите и навивачите. „Џокерот“ ја имаше својата најдобра сезона досега, во која бележеше безмалку трипл-дабл просек: 26,4 поени, 10,8 скокови и 8,3 асистенции по натпревар. Тој сезонава беше меѓу првите петмина играчи во НБА во сите три најважни категории.
Српскиот виртуоз погодуваше одлични 56 отсто од вкупните шутеви, 38,8 отсто од ударите за три поени и 86,8 отсто од слободните фрлања. Тој во оваа, за десет средби по тим скратена сезона, ги одигра сите 72 меча за Денвер, со што станува првиот МВП на лигата што ги одиграл сите средби, по Коби Брајант во 2008 година.
Јокиќ, според аналитичарите, ја револуционализира позицијата центар и воопшто кошарката во САД, наметнувајќи стил на игра несвојствен за брзата НБА-игра, заснован на кошаркарска интелигенција, наместо на индивидуалните физички атрибути. Американските медиуми како посебно забележителен го издвојуваат фактот што Јокиќ стигнува до најпрестижното НБА-одличје како играч кој е избран со последниот, 41-ви пик на драфтот.
Ова е трета година по ред како блескавото одликување за најдобар играч во американската лига го понесува кошаркар од странство, откако минатите две сезони за МВП беше биран исто така Европјанин, Гркот Јанис Адетокумбо. Слична ситуација имаше и во 2004-тата, 2005-тата и 2006-тата година, кога наградата за најкорисен играч ја освоија двапати Канаѓанецот Стив Неш и еднаш Германецот Дирк Новицки.