Мароко по вистински трилер обезбеди место во осминафиналето на Светското првенство, елиминирајќи ја Холандија по подобро изведување на пенали, откако по 120 минути игра резултатот беше 1-1.
Натпреварот започна со иницијатива на Мароканците, кои први сериозно се заканија. Во 20. минута Ел Ајнауи испрати опасен удар, но Вербруген одлично интервенираше. Само една минута подоцна Хакими повторно го тестираше холандскиот чувар на мрежата, кој уште еднаш беше сигурен. Холандија постепено ја презеде контролата, но и Боно беше на висина на задачата и не дозволи промена на резултатот.
По мирниот почеток на второто полувреме, „лалињата“ стигнаа до предност во 72. минута. Гакпо најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја затресе мрежата за 1-0, носејќи ја Холандија на чекор до осминафиналето.
Но, кога изгледаше дека победникот е решен, Мароко возврати во самиот финиш. Во судиското надополнување Диоп погоди за 1-1 и ја врати неизвесноста, испраќајќи го дуелот во продолженија.
Во дополнителните 30 минути немаше голови, па одлуката падна во пенал-серијата. Таму нервите целосно ги издадоа Холанѓаните, кои промашија дури три удари од белата точка. Мароко беше далеку посмирен и попрецизен, па заслужено обезбеди пласман во осминафиналето, каде што го очекува пресметка со Канада.
