Во рамки на кампањата за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот во организација на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата (РСБСП) денеска ќе се одржат велосипедски манифестации во Скопје и Прилеп.
Со почеток во 12 часот во Скопје (кај Порта Македонија) ќе биде организиран велосипедски марш под мотото „Има место за сите“, со цел промовирање на велосипедизмот како култура на живеење и подобрување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот.
На настанот ќе бидат поделени повеќе видови сообраќајно едукативни материјали за промоција на велосипедизмот и подигање на јавната свест за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот.
Со почеток во 11 часот, во Прилеп кај плоштад Александрија (Камена бина) ќе се одржи масовна велосипедска манифестација под мотото „ Сите на велосипед“. Како награда за учесниците ќе бидат поделени два велосипеди.
На настанот е најавено присуство на претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски, градоначалниците на Прилеп и Кривогаштани, Марјан Ристески и Тони Заткоски, претставници од Министерството за внатрешни работи , и останатите партнери во кампањата.