Ракометарите ќе имаат можност да го бранат трофејот во Купот на Македонија.
Вардарци место во финалето изборија многу потешко отколку што очекуваа елиминирајќи го големиот ривал Металург во полуфиналето на завршниот турнир што се одржува во Битола.
Првото полувреме црвено-црните го добија со три гола разлика 17-14. Но, во второто полувреме одличен на голот на Металург беше Дарко Арсиќ, а во нападот предводени од Кузмановски и Илиќ, тимот од Автокоманда во 39.минута, дојде до предност од 21-23. Во продолжението се играше гол за гол, за да на шест минути до крајот на мечот резултатот да биде израмнет 29-29.
Во финишот на дуелот Арпад Штербик стапи на сцена и со неколкуте одбрани во низа му донесе победа на Вардар до 31-30, а со тоа и пласман во финалето.
Во првото полуфинале, Еурофарм Работник го совлада Охрид со 26:18.
„Вардарци“ важат за фаворити и ќе се обидат да стигнат до 12. трофеј во Купот на Македонија, додека за екипата „Работник“ од Битола ова е прво финале.
Почетокот на финалниот дуел е во 16:30 часот.