Фановите на италијанскиот бренд „ Алфа Ромео“ ги бројат последните денови, до 24 јуни, кога ќе биде претставен новиот модел што треба да го означи почетокот на новата, поуспешна ера во историјата на овој производител.
„Алфа Ромео“ досега успешно го криеше дизајнот на својата нова лимузина. Сите прототипови, чии фотографии тука и таму се појавуваа на Интернет, беа премногу „камуфлирани“ за набљудувачот да може да дознае нешто повеќе за изгледот на автомобилот.
Неколку дена пред официјалната премиера, објавена е првата фотографија на која, наводно, е прикажана новата „Алфа“. Иако заматена, фотографијата ги открива контурите на спортска лимузина, каква љубителите на „Алфа Ромео“ посакуваа со години.
За новиот модел се уште многу малку се знае. Седанот што на пазарот ќе им се спротивстави на премиум моделите како „БМВ Серија 3“, „Ауди А4“ и „Мерцедес Ц класа“, треба да го понесе името „Џулиа“, но „Алфа“ тоа официјално не го потврди.
Производителот претходно најави дека новиот модел, меѓудругото, силата ќе ја добива од четирицилиндричен турбо-бензинец и силниот В6 мотор што е развиен во „Ферари“ специјално за потребите на „Алфа Ромео“.
Се претпоставува дека новата лимузина, е темелена на модифицираната платформа на „Масерати Гибли“, со стандарден заден погон, додека погонот на сите четири тркала веројатно ќе биде понуден како опција во комбинација со одредени мотори.
Значи, ни останува да бидеме трпеливи само уште малку и да го сочекаме утрешниот 24 јуни кога „Алфа Ромео“ на 105-годишнината од основањето на компанијата официјално ќе го претстави новиот модел.