Во Охрид денеска почнува „Училишниот спортски камп 2014” што го организираат Министерството за образование и наука, Агенцијата за млади и спорт и Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Кампот ќе се одржува во две смени, од 23 до 28 јуни и од 29 јуни до 4 јули 2014 година. Првата смена ќе ги опфати најдобрите ученици од спортовите футсал, ракомет, борење, стрелаштво, џудо и шах (машки и женски за основни и средни училишта), додека втората најдобрите ученици во одбојка, кошарка, атлетика, пинг-понг и карате (машки и женски за основни и средни училишта).
Освен што ќе спортуваат, учениците ќе ги посетат и културните знаменитости на Охрид. На училишниот спортски камп ќе има практични тренинзи, но и теоретски предавања со учество на спортски ѕвезди меѓу кои Пепи Манасков, Наумче Мојсоски, Зоран Бошковски, Марин Докузовски, Јошко Миленковски, Александра Војневска, Дејан Ангеловски,… Ќе се одржат и предавања поврзани со пороците и здравиот живот, антидопингот, исхраната.
Како што велат организаторите, со овие активности преземени од страна на државните институции ќе се овозможат вистински предуслови младите талентирани спортисти од училишните клупи да продолжат да се занимаваат со спорт професионално и да станат репрезентативци на Македонија.