Трките во Формула 1 ќе се возат во Сингапур до 2021 година откако сопствениците на патеката и челници од натпреварувањето денеска потпишаа договор за следните четири години.
Трката во Сингапур е улична и се вози во ноќен термин. Во календарот на Формула 1 првпат е ставена во 2008 година.
– Исклучително сме среќни што го продолживме договорот и горди на нашето партнерство. Трката во Сингапур е посебна…Тоа е наш пробив во Азија, извонреден регион за нашата иднина и раст, изјави Чејс Кери, извршен директор на Формула 1.
Шампионатот на Формула 1 минува низ големи промени откако го презеде новиот сопственик, Либерти медија груп од САД. Во изминатата деценија трката во Сингапур заработи околу 870 милиони евра. Организаторите соопштија денеска дека ги намалиле трошоците за организација на трката на 84 милиони евра.