Во организација на велосипедскиот клуб „Соларис“ и извидничкиот одред „Крсте Јон“ од Струга денеска ќе се одржи третиот велосипедски маратон „Бела ди супра“ во чии рамки ќе се реализира и крводарителска акција.
Маратонот, како што информира претседателот на велосипедскиот клуб „Соларис“ Коста Хиохи, ќе се вози од Струга преку селата Вишни, Горна Белица, Караула „Три шилка“ до Радожда.
– Идејата беше да се промовираат убавините и природните ресурси на Струга и Струшкиот регион. Имаме голема посетеност, околу 200 велосипедисти најавија дека ќе дојдат. Некои се во недоумица поради времето, но се надеваме дека ќе послужи и бројот да биде над 200, изјави Хиохи.
Генералниот секретар на „Соларис“ Маријан Лазарески информира дека патеката е долга 14 километри.
– До селото Горна Белица се вози по асфалт, од тука поминуваме на сингл патека направена од мешавина земја и чакал. По таков пат се спуштаме до Радожда покрај Охридското Езеро, појасни Лазарески.
Со поддршка на Црвениот крст од Струга ќе се реализира и традиционалната крводарителска акција под мотото „Автомобилите бараат крв, велосипедистите ја даруваат“, каде се очекува да бидат собрани над 70 крвни единици.