Јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ ќе повлече 242.000 модели на „приус“ и „лексус“ во светот заради проблеми со кочењето, иако нема извештаи за несреќи предизвикани од овој проблем.
Возачите на овие два модела, произведени меѓу март и октомври 2009 година, се жалеле дека мораат посилно отколку порано да нагазат врз сопирачката, пренесуваат француските медиуми.
Портпаролот на компанијата во Токио наведува дека заради слабости во материјалот доаѓало до пукнатина низ која азотот капел во течноста за запирање, влијаејќи врз ефикасноста на кочењето.
-Не е пријавена ниту една несреќа, но „Тојота“ прими повеќе од 90 жалби од купувачи ширум светот, додаде портпаролот на компанијата.
Компанијата ќе повлече 117.000 возила во Јапонија, 91.000 во Северна Америка, 30.000 во Европа и 3.000 во азиско-пацифичкиот регион.
„Тојота“, заради разни проблеми, во последните неколку години повлече милиони возила, загрозувајќи ја некогашната репутација што беше темелена на безбедноста и сигурноста.