Претседателот на ФИА, Жан Тод верува дека Ферари треба да го изгубат правото да наметнуваат вето кога не сакаат некој предлог за промена од страна на раководството на Формула 1. „Скудерија“ има право да ги сопре иновациите во Правилникот, кои не им се допаѓаат, а последниот таков случај беше во 2015 година кога Италијанците одбија да се согласат со финансиска граница за мотори и менувачи.
Никој од актуелното раководство не крие дека привилегијата на Ферари е прашање на дискусии веќе некое време, како и намерите спортот да го смени лицето од сезоната 2021 – нешто за што во Ферари негодуваат уште отсега. Според Тод, оваа предност на Ферари, која датира од 1980-тите, повеќе не е валидна.
– Ветото дојде во времето на Енцо Ферари, кој се имаше изолирано во Маранело. Тоа беше единствениот тим кој доставуваше мотори и шасии и се спротивставуваше на Форд. Во тоа време мислевме дека откако тие се далеку од т.н. силиконска долина на мото-спортот, потребна им е заштита. Тоа е приказната за ветото. Времињата се менуваат, но сепак и од денешна гледна точка, не би рекол дека го поддржувам тоа, откри Жан Тод во Лондон.
За да се искористи ветото, Ферари мора да докаже дека одредена промена ќе биде против интересите на тимот.
Сепак, претседателот на ФИА е свесен каква атракција за љубителите на Формула 1 е Ферари и нуди замена – со укинувањето на ветото, италијанскиот тим да добива повисоки приходи поради историјата во шампионатот.
– За мене е нормално Леонардо ди Каприо да добива повеќе пари од телевизиски актер. Таков е животот. Колку си подобар, толку повеќе пари добиваш. Јас мислам дека е нормално да добиваат повеќе пари, смета Французинот.
Тод ги прокоментира и гласините дека Ферари може да ја напуштат Формула 1.
– Тоа не би било во нивна полза. Тие можат да си заминат и искрено, тоа е само нивен избор. Слободни се. Се разбира, не сакам тоа да се случи, но видовме големи играчи како си заминуваат и се враќаат. Познавајќи ги овие играчи со паметен бизнис дух, кои се враќаат, би сакале да ги скратиме трошоците кои тимовите ги прават, вели шефот на ФИА.