Во малата салата на СЦ „Борис Трајковски“ вчеравечер свечено беше означен почетокот на 45-от традиционален боксерски меѓународен турнир „Златен Гонг“.
Отворањето на една од најстарите боксерска манифестации во Европа беше во знакот на првиот освојувач на гонгот во далечната 1969 година, Звонимир Вуин, кој беше почесен гостин. Тој од директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Марјан Спасески доби пригодна плакета за особен придонес во развојот на боксот.
Спасески изрази благодарност до сите досегашни организатори на оваа спортска манифестација, кои придонесоа „Златниот Гонг“ да прерасне во домашен спортски бренд од светски размери.
– На сите натпреварувачи им посакувам успешен настап и во фер и коректна атмосфера да победат најдобрите, порача директорот на АМС и го прогласи турнирот за отворен.
Манифестацијата ја поздрави и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски кој им посака топло добредојде и пријатен престој на сите натпреварувачи кои со своето учество на турнирот придонесуваат во одбележувањето на денот на ослободувањето на градот Скопје – 13 Ноември.