Неодамнешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Марјан Србиновски е назначен за нов тренер на Куманово. Клубот одлучи да го отпушти досегашниот шеф на стручниот штаб Страшо Тодоровиќ поради елиминацијата во полуфиналето на купот од Карпош Соколи.
Тодоровиќ тренерската функција во Куманово ја презема пред неколку месеци кога дојде на местото од Љубислав Луковиќ, но и тој предвреме го завршува ангажманот во македонскиот вицепрвак.
Раководството на Куманово очекува со Србиновски на тренерското место, најмалку да биде повторен ланскиот резултат, односно пласман во финалето и борба за шампионската титула.
Во својата тренерска кариера, Србиновски беше предводник на Работнички, Торус и Кожув, а беше и на селекторското место на Македонија за време на Европското првенство во Загреб минатата година.