Домаќинот Русија и Хрватска вечерва од 20 часот влегуваат во цврста битка едни против други во последниот четвртфинален меч на Мундијалот 2018.
Тимот на Станислав Черчесов е „во облаци“ по нивните одлични перформанси досега и сонува за нов голем подвиг. Сепак, „коцкастите“ се со поинакво мислење и планираат да стават крај на приказната на „зборнаја“.
Русите важеа како апсолутен аутсајдер на Светското првенство, но тие целосно ги побијаа прогнозите и до денес се најпријатното изненадување. Домашната репрезентација успеа да ја мине прелиминарна група со две победи и еден пораз, а во осминфиналето ја елиминира големата Шпанија по пенали. Тоа сериозно ги зголеми очекувањата во земјата, но сега тимот треба да покаже дали навистина е способен да ги оправда.
Хрватска, исто така, може да биде горда на своите досегашни резултати. Тимот на Далиќ забележа три импресивни успеси во групата „Д“, која беше дефинирана како „група на смртта“ со екипите на Аргентина, Исланд и Нигерија. Сепак, во осминафиналето, екипата со многу напор успеа да го совлада непријатниот тим на Данска по пеналите. Сега Хрватите мора брзо да го вратат своето расположение и форма од почетокот на Шампионатот, бидејќи се соочуваат со тежок тест против дефанзивниот фудбал на Русија.
Домаќините имаат проблеми пред натпреварот. Ветеранот Јуриј Жирков е повреден и неговото учество е малку веројатно. Алан Џогоев не играше откако беше повреден во првиот натпревар од турнирот. Тој веќе продолжи со тренинзите, но неговото учество останува под сериозен прашалник. Добрата вест е дека Игор Смолников повторно ќе биде на располагање на тренерскиот штаб откако ја отслужи казната.
Кај репрезентацијата на Хрватска речиси нема проблеми со повредени и казнети. Единствено Иван Стриниќ има мала повреда, но Далиќ ќе има можност да го изведе најдоброто со што располага на денешниот меч во Сочи.