Македонската кошаркарска репрезентација со вчерашниот дуел против Венецуела ги заврши подготвителните натпревари на домашен терен и сега ќе следуваат натпреварите кои Македонија ќе ги игра во Литванија, Шпанија и во Летонија.
На последните два дуела со Венецуела во Гевгелија и со Изреал во Скопје, ситните повреди го одредуваа составот на 12-те играчи на кои сметаше селекторот Марјан Србиновски. Во Скопје против Израел надвор од тимот беа Александар Костоски и Марко Симоновски, додека во Гевгелија Венецуела ја „скокнаа“ Александар Костоски, Војдан Стојановски и Кирил Николовски. Во текот на натпреварот на повреда се пожали Дамјан Стојановски, кој потоа не се врати во игра.
Повредите на сите играчи се санирани, а на следните натпревари селекторот Србиновски нема да смета на Кирил Николовски, што значи дека во конкуренција се 14 кошаркари откако на вчерашниот дуел со Венецуела првите минути во подготовките ги имаше и Ричард Хендрикс.
Македонија првиот следен натпревар го игра на 18 август против Литванија.