Однесувањето на швајцарските фудбалски репрезентативци од албанско потекло Ѓердан Шаќири и Гранит Џака на Светското првенство во Русија, предизвика дебата во швајцарската јавност за играчите со двојни државјанства, а во Фудбалската федерација на Швајцарија размислуваат во иднина оние кои ќе играат за репрезентацијата да мора да се откажат од другиот пасош.
Швајцарските медиуми наведуваат дека Федерацијата е под притисок на јавноста и се наоѓа во ситуација да мора да дејствува.
Иако во швајцарската репрезентација играат фудбалери кои потекнуваат од повеќе држави, дискусијата беше порената пред се заради однесувањето на Шаќири и Џака на Светското првенство во Русија.
Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Швајцарија, Алекс Мишер, смета дека во иднина двојните државјани не треба да играат за репрезентацијата и дека мора да се одлучат за едно од државјанствата.
– Тоа е како дете од разведен брак, кое мора да одлучи меѓу мајката и таткото. Ќе биде полесно за играчите ако побрзо донесат ваква одлука, истакна Мишер.
Тој додаде дека во иднина Федерацијата ќе ги поддржува само младите фудбалери кои поседуваат еден пасош.