Шампионката на Вимблдон се соочува со четиригодишна суспензија

Од:

Чешката тенисерка Маркета Вондрушова, шампионка на Вимблдон во 2023 година, се соочува со суспензија до четири години откако е обвинета за кршење на антидопинг правилото за одбивање на тест.

Спорниот инцидент се случил во декември за време на ненајавено тестирање надвор од натпреварот. Вондрушова тврди дека по 20 часот непознато лице заѕвонило на нејзината врата, одбило да се идентификува и побарало итен примерок од урина. Во тој момент, таа одбила да го пушти внатре, оценувајќи ја ситуацијата како сериозно нарушување на приватноста.

Потоа била гонета од Меѓународната агенција за тениски интегритет за „одбивање или недавање примерок без основана причина откако била известена од овластено лице“.

Шампионката на Вимблдон во 2023 година ја даде својата верзија на настаните на социјалните мрежи, нагласувајќи дека дејствувала од страв, а не за да избегне тестирање.

„Кога некој ќе ви заѕвони на врата доцна навечер без јасно да се идентификува и да ја следи постапката, реагирате како исплашена личност. Во тој момент, стануваше збор за чувство на безбедност, а не за избегнување на нешто“, рече Вондрушова.

Таа додаде дека годините навреди и закани, како и проблемите со повредите и спиењето, влијаеле на нејзината ментална состојба и чувството на сигурност. Таа особено нагласи дека ситуацијата ја потсетила на нападот врз нејзината сонародничка Петра Квитова од 2016 година, кога напаѓачот влегол во станот под лажни изговори и сериозно ја повредил.

„Стравот ми го замагли расудувањето. Не можев рационално да ја гледам ситуацијата“, рече таа, додавајќи дека експертите ѝ дијагностицирале акутна стресна реакција и генерализирано анксиозно растројство.

Агенцијата потврди дека истрагата е во тек, но дека сè уште нема автоматско суспендирање.

Според правилата на Светската антидопинг агенција, тенисерите мора редовно да ја пријавуваат својата локација и да закажуваат термин од еден час дневно за потенцијално тестирање, но контролите можат да се спроведуваат и надвор од тој период.

Вондрушова не игра натпревари во поединечна конкуренција од јануари поради повреда на рамото, но неодамна играше во двојки за Чешка. Нејзиниот следен закажан турнир е Мастерсот во Мадрид, кој започнува на 20 април.

Би можело да ве интересира

Роналдо без милост кон водителот: „Кажи му на тој да престане со ботокс, изгледа како јаболко“

Монако згасна! Клубот престанува со работа по 12 години успешна приказна

Новак Ѓоковиќ во полуфиналето против Данил Медведев

22. издание на Виз Ер Скопски маратон урна рекорди кои досега беа недостижни

Предраг Петровиќ

Билиќ: „И мене ми е срам, овој пораз е неодбранлив“

Англичаните брутални кон Модриќ: Од него остана само бледа сенка