Тренерот на чешката фудбалска репрезентација Михал Билек по синоќешниот пораз од Италија (1:2), поради што Чешка речиси ја изгуби шансата за пласман на Светското првенство во Бразил, синоќа поднесе оставка на функцијата, јави дописникот на МИА од Прага.
Според најавите, за крај на кариерата во репрезентацијата размислува и капитенот на чешкиот национален фудбалски тим, Томаш Росицки.
На чешката фудбалска репрезентација, која се наоѓа на четвртото место во групата Б и остануваат само теоретски надежи за пласман на Шампионатот во 2014 година.
– Не ја исполнивме целта која си ја дадов и затоа ја понудив својата оставка, изјави Билек по натпреварот Чешка-Италија, додавајќи дека не очекува Чешка да се пласира понатаму.
Билек, рече дека неговото разочарување е големо, затоа што во текот на својата четиригодишна кариера како национален селектор се трудел да го подготви тимот за учество на Светското првенство.
Следните два натпревари кои го очекуваат чешкиот тим најверојатно ќе бидат под водство на еден од досегашните асистенти Јосеф Пешице или Томаш Галасек.
– По таков неуспех, а на моја возраст, би требало да размислам што понатаму, посочи капитенот Росицки, кој одби да ја оценува работата на Билек како неуспешна, потсетувајќи дека токму под негово водство чешката репрезентација влезе во четвртфиналето на Европското фудбалско првенство.