Под покровителство на Агенцијата за млади и спорт (АМС) од утре до недела Скопје ќе биде домаќин на традиционалниот боксерски турнир „Златен Гонг“ со кој се одбележува празникот на градот 13 Ноември.
– Една од најстарите традиционални спортски манифестации во Република Македонија, меѓународниот боксерски турнир „Златен Гонг“ годинава по 45-ти пат ќе се одржи во Скопје.
Ова манифестација веќе е врвен спортски бренд и ја промовира Македонија низ светот оставајќи белег во спортот. Од почетокот на првиот „Златен Гонг“ во далечната 1969 година па се до денес, на рингот продефилираа многу светски боксерски имиња, почнувајќи од легендарниот Мате Парлов, па се до првиот освојувач Звонимир Вуин, македонските боксерски легенди Реџеп Реџеповски, Мухамед Алија, Азис Салиху, Примислав Димовски, Вели Мумин, Аце Русевски и многу други боксери од велесилите во овој спорт како што се Куба, Русија, Италија Бугарија, Србија, изјави Марјан Спасески директор на АМС.
На годинашното издание од „Златниот Гонг“ досега своето учество го потврдија 46 боксери од девет европски држави.
Македонската селекција ќе ја сочинуваат пет натпреварувачи:Исак Сулејман, Идриз Бислими, Јасин Љама, Осман Демиров и Гоце Јанески.
Според бројот на пријавени боксери по категории, предвидени се 14 борби во полуфиналето и 16 мечеви во финалето.
Полуфиналето е в петок (13 ноември) од 16 до 20 часот, а финалните борби се в сабота (14 ноември) со почеток од 11 часот.
Покрај главната награда „гонгот“ АМС која со 900 илјади денари го поддржа турнирот, обезбеди награди и за најдобриот техничар, тренер, судија, македонски боксер и странски боксер.
Борбите ќе се одвиваат во малата сала од СЦ „Борис Трајковски“.