Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари изјави дека неговиот тим мора да освои три или четири натпревари по ред, за да ја врати довербата на навивачите. 60-годишниот италијански стручњак додаде дека сака да остане долго време во лондонскиот клуб.
„Сините“ од Лондон имаат цели 7 порази во последните 15 натпревари и во понеделникот дозволија нов таков од Манчестер Јунајтед на својот „Стемфорд Бриџ“ со 0:2.
– Треба да мислам дека ќе го водам Челзи за долг период, во спротивно нема да можам да работам. Сакам да го водам Челзи долго време. Имам долгорочни планови. Треба да победиме три или четири средби по ред. Тоа е единственото решение. Многу добро го разбирам разочарувањето на навивачите, бидејќи тие се навикнати на победи. Сега имаме проблеми, но нема друг начин. Се обидуваме да ги решиме проблемите. Не е лесно. Се обидуваме да комуницираме со играчите, да избегнеме некои грешки, изјави Сари пред „Скај Спорт“.
Челзи го зазема шестото место на табелата во Премиер лигата, откако има 50 поени по 26 круга. Покрај тоа, „сините“ испаднаа од ФА Купот, откако загубија од Манчестер Јунајтед во понеделникот.