Познати се имињата на четирите репрезентации кои ќе се борат за медалите на Светското првенство во хокеј на мраз.
Меѓу нив ја нема репрезентацијата на Канада која на првенството чии домаќини се Шведска и Финска допатува како бранител на светската круна.
Словачка ја победи Канада со 4:3 и во полуфиналето ќе игра со соседот Чешка, која со идентичен резултат ја порази домашната Шведска.
За разлика од Шведска вториот домаќин Финска се пласира меѓу најдобрите четири селекции откако забележа победа од 3:2 против САД.
Најлесна задача во четвртфиналето имаше Русија, која со 5:2 ја победи Норвешка со што го задржа максималниот ефект на првенството.
Полуфиналните мечеви на програмата се во сабота, а во нив ќе играат Финска – Русија и Чешка – Словачка.