Легендарната германска автокомпанија „Руф Аутомобиле“ го претстави моделот „ЦТР 2017“, базиран на карбонска платформа, кој потсетува на автомобилот ЦТР, што оваа компанија го изработи пред 30 години врз основа на тогашната генерација на „Порше 911 Карера“.
Оригиналниот „Руф ЦТР“, промовиран во 1987 година, имаше 3,2-литарски шестцилиндричен мотор, кој располагаше со 469 коњски сили.
По 30 години „Руф“ на Автосаемот во Женева премиерно го претстави моделот „ЦТР 2017“, кој со изгледот асоцира на „Порше 911“.
„Руф ЦТР 2017“, чија каросерија е направена од карбон, го покренува 3,6 литарски шесѕцилиндричен битурбо мотор, кој во основата е производ на „Порше“, а неговата моќност изнесува 700 коњски сили при 6.750 вртежи во минута.
Кога ќе се земе предвид дека 700 коњски сили се „задолжени“ за покренување на возила од дури 1.200 килограми, тогаш не треба да биде чудно што „ЦТР 2017“ од 0 до 100 километри на час достигнува за 3,5 секунди и развива брзина од над 360 километри на час.