Ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо поведе кај стрелците во Серија „А“ по два гола во мрежата на Парма. Сепак, тие не беа доволни за победа против „млекарите“, кои стигнаа до реми 3:3 во последните секунди.
– Тоа е фудбалот. Се радувам за головите, но не сум среќен со резултатот. Парма чекаше за наша грешка. На крајот како да се прибравме премногу длабоко во својата половина. Треба само да останеме смирени. Не гледам причина за загриженост, изјави Роналдо по дуелот.
Сепак, статистиките од последните натпревари јасно укажуваат дека Јуве е далеку од сопствените стандарди. Проблемите се најчесто во одбраната и се дефинитивно поврзани со повредите на постојаните стартери Леонардо Бонучи, Џорџо Киелини и Андреа Барзали.
За само два натпревари, „бјанконерите“ дозволија 6 гола – три од Аталанта за Купот на Италија и три од Парма. Толку многу голови Јувентус прими во своите претходни 14 натпревари. Покрај тоа, тимот зачува само една сува мрежа во последните 5 дуели во Серија „А“ – против аутсајдерот Киево.