Новиот центар на МЗТ Скопје Роберт Рикиќ, ќе се обиде да му помогне на клубот од Аеродром, повторно да дојде до двојна круна во домашните натпреварувања.
Тој веќе добро ги познава условите во македонската кошарка, со оглед што дел од минатата сезона мина во дресот на Еуро Никел.
– Уште пред да дојдам во Македонија знаев многу работи за МЗТ Скопје Аеродром. Среќен сум што добив шанса да бидам дел од клубот кој е синоним за македонската кошарка во регионот. Сѐ уште сме на почеток од подготовките, полека се комплетираме и мислам дека пред нас е добра сезона. Имаме добар состав со одлични момци, хемијата полека се создава и верувам дека со напорна работа и максимална борба ќе успееме да го оствариме тоа што од нас се бара – да ја задржиме двојната круна во Аеродром. Нема да биде лесно, противниците исклучително се засилија летово, но на нас е да го оставиме срцето на теренот и да им покажеме на навивачите дека заслужуваме да го носиме овој дрес, изјави Рикиќ за клупската веб-страница на „сино-белите“.
Хрватскиот интернационалец роден во БиХ кариерата ја почна во Загреб, а досега има играно за Широки, Будуќност, Игокеа, Сплит и УСК Праха. Има освоено шампионски титули во Црна Гора и во БиХ, како и четири победи во босанскиот куп, а две во најмасовното црногорско натпреварување.