Следната генерација мотори во Формула 1 треба да се случи во 2021 година, но раководството на спортот се уште не донело конечна одлука во која насока да се движи. Несомнено, сепак, производителите на мотори Рено, Ферари и Мерцедес веќе сакаат да почнат да работат на идните проекти.
Сирил Абитбул од Рено изјави дека ќе биде најдобро развојот на сегашните мотори да биде „замрзнат“ во 2019 и 2020 година. Причината е дека за компаниите ќе биде тежок предизвик да работат по две различни погонски единици истовремено.
– Нешто што не сакаме сигурно е проблемот да развиваме два мотора истовремено, рече Абитбул пред „Моторспорт“.
Тој појасни дека сите во Формула 1 сакаат уште производители на погонски единици да се вклучат во спортот, но евентуален нов учесник ќе ја има предноста да се фокусира целосно на новата генерација од 2021, додека сегашните се поделени меѓу различни проекти.
Д-р Хелмут Марко од Ред Бул, кои користат мотори на Рено, брендирани како Таг Хојер, се согласува со Абитбул.
– Ако новите правила бидат објавени – што се надеваме дека ќе се случи во најскоро време – сегашните мотори треба да бидат „замрзнати“, вели Марко.
Тој ја спомена и моќноста на моторите, која е деликатна тема во Ф1. Се шпекулира дека Ферари и Мерцедес ја поминале границата од 1.000 коњски сили, додека Рено достигнуваат максимум 950. Точните бројки, сепак, остануваат тајна.