Компанијата „Порше“ направи вкупно 292 примероци од својот легендарен модел „959“, но само 29 од нив беа произведени во верзијата „Спорт“. Заради тоа и не чуди што еден таков примерок неодамна беше продаден за речиси два милиона евра.
Класичните автомобили на „Порше“ на аукциите не достигнуваат толку висока цена како што е тоа случајот со, да кажеме, олдтајмерите на „Ферари“. „Порше 959 Спорт“, сепак, не е обичен класик, што се потврди на аукцијата на куќата „Сотби“, оддржана во февруари во Париз.
Еден од само 29 изработени примероци го промени сопственикот за сума од 1,96 милиона евра, со што стана највредниот „Порше 959“ во историјата на брендот (пред тоа најскапо продаден „959“ на една аукција чинеше „само“ 1,25 милиона евра).
Пред париската аукција се проценуваше дека автомобилот ќе ја достигне цената меѓу 1,5 и два милиона евра.
„Порше 959 Спорт“, инаку, е полесен од стандардната верзија „ 959 Комфорт“ за околу 100 килограми. Автомобилот за погон користи 2.85-литарски шестцилиндерски би-турбо мотор со 515 кс, а силата се пренесува на двете осовини со помош на шестбрзински мануелен менувач.