Македонската ракометна репрезентативка Сара Митова, која што настапува во тимот на Вардар СЦЈС преку Фејсбук упати критики до управата на Вардар и до раководните структури на македонскиот ракомет.
Тимот на ЖРК Вардар денеска ја освои титуата шампион на Македонија откако во финалето ја победи „сестринската“ екипа на Вардар СЦЈС.
Револтот на Митова се јавува откако по завршувањето на натпреварот биле додели медалите и пехарот на шампионките и биле одликувани ракометарките на ЖРК Вардар кој што го напуштаат тимот, но немало никакви одличја за освоеното второ место за Вардар СЦЈС и младите македонски ракометарки.
„Го пишувам ова за сите оние кои се упатени во ракометот и општо во ситуацијата поврзана со македонскиот спорт.
Денес изигравме сестринско финале против првата екипа на Вардар во македонската супер лига, каде завршивме второпласирани. Респект до секоја од ракометарките на првата екипа, а најголем дисреспект до управата, структурите и раководителите на македонскиот ракомет.
Да ни го завртите грбот и да немате да ни доделите медаљи, да не дојдете и да не покажете никаква поддршка, да не ни упатите никаков спортски поздрав, а кога ќе дојде време за некој македонски играч да замине и да игра во странство тогаш сте ПРВИ ЗА ДА БАРАТЕ ПАРИЧНА ОШТЕТА?!
Се додека не газите и понижувате и не редите со епитети од типот на “МАКЕДОНЧИЊА”, се додека душа давате за странски играчи, а нас не бркате од сопствена држава, се додека ни го правите филмот дека сме талентирани и надежни а во меѓувреме си бркате други интереси а најмалку ве интересира нашиот успех, се дотогаш нема да цвета нашиот спорт, конкретно ракомет. Знам дека сите што се занимавате и сте упатени, ве погодува оваа тема па затоа превземам одговорност да го напишам ова.
Јас и секоја една од моите соиграчи бевме крајно потценети и понижени на денешното доделување, каде што во буквална смисла на зборот НЕ ПОСТОЕВМЕ, и заборавија дека сме дел од семејството Вардар, дел од целокупниот македонски ракомет. Да сумирам, и уште еднаш да повторам дека меѓу нас постојат деца, играчи што вредат, што можат да покажат успех, што се трудат и вложуваат, што знаат да ценат и да искористат дадена шанса. Многу ли е тоа што бараме, ништо друго освен трошка почит, малку поддршка и барем еднаш да имате повеќе респект за Македонец отколку за странец?“ напиша Сара Митова на нејзиниот Фејсбук профил.