Вардар 1961 денес направи дополнително тестирање за коронавирус на сите ракометари и стручниот штаб, откако еден од ракометарите добил позитивен тест, објави вечерва македонскиот шампион.
– Тестирањето е направено откако еден играч имаше зголемена температура пред неколку дена. Освен зголемена телесна температура, играчот немал други симптоми и во моментов се чувствува добро и се наоѓа во домашна изолација откако неговиот тест бил позитивен.
Клубот соопшти дека сите резултати од дополнителното тестирање се негативни.
Членот на клубот, од моментот кога имал зголемена температура, а тоа било констатирано од страна на лекарскиот тим пред влегувањето во салата, веднаш бил вратен дома и се наоѓа во изолација додека да ги добие резултатите. Немал дополнителни контакти со другите ракометари од тимот.
Другите ракометари пропуштија само еден тренинг со оглед на празниците и слободните денови, а по добивањето на резултатите кои се негативни, екипата ќе продолжи со редовните тренинзи и ќе се подготвува за следниот натпревар од ЕХФ лигата на шампионите со Флензбург во четврток во Скопје, информираат „црвено-црните“.
Вардар 1961 пред самиот меч со Флензбург закажан за 15 октомври, повторно ќе има тестирање на сите играчи со цел да се запази правилото да се тестираат играчите непосредно пред секој натпревар.