Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва, на домашен терен против хрватска Цибона (21 часот), ќе се обидат да стават крај на серијата од три порази и конечно да го забележат првиот триумф сезонава во АБА-лигата.
Тренерот Емил Рајковиќ очекува дуелот со загрепчани да биде пресвртница кон подобри игри и резултати на неговите избраници.
– Се надевам дека мечот против Цибона ќе навести подобра иднина за нашата екипа. Верувам дека ќе одиграме многу поангажирано и поборбено, бидејќи тоа е начинот за да се оствари добар резултат. Секој играч што ќе се појави на паркетот ќе мора да го остави последниот атом енергија и да даде се од себе за МЗТ Скопје. Само така ќе може да се надеваме на победа против гостинот од Загреб, вели тренерот Емил Рајковиќ.
На сино-белите воопшто нема да им биде лесно бидејќи против себе имаат квалитетен противник, а тука се и проблемите со повредите на Ѓорѓе Дреновац (бутниот мускул) и на Јуре Лалиќ (носот). Но, без разлика на тоа, сите во таборот на МЗТ Скопје Аеродром се решени да го дадат максимумот и да покажат дека го знаат патот кон излезот од кризата.
Ова ќе биде деветти меѓусебен дуел на овие два тима во АБА-лигата, а досегашниот меѓусебен скор е 4-4. На средбите во Скопје, аеродромци имаат далеку подобар успех и тоа три победи во четирите досега одиграни меча.