Екипите на Фенербахче и на ЦСКА Москва вечерва ќе ги имаат првите меч топки за пласман на „фајнал-фор“ турнирот во кошаркарската Евролига.
Во Истанбул, тимот на Фенербахче го пречекува Панатинаикос со предност од 2-0 во победи остварени на гостински терен во Атина. Актуелниот европски првак московска ЦСКА на гостувањето во Шпанија, кај Басконија ќе стартува исто така со предност од 2-0 во победи.
Четвртфиналната серија се игра во три добиени средби, а доколку грчкиот и шпанскиот тим забележат победи, следните мечеви ќе се играат на ист терен и тоа веќе во четврток.
За утре и во петок закажани се по два натпревари во Истанбул, во кои ќе играат Анадолу Ефес – Олимпијакос и Дарушафака – Реал Мадрид, а резултатот е израмнет 1-1 во победи.