Екипата на ЦСКА Москва го претрпе првиот пораз во кошаркарската Евролига.
Актуелниот шампион ЦСКА конечно во седмиот натпревар сезонава не успеа да излезе како победник. За тоа се погрижија кошаркарите на турската екипа Дарушафака која пред својата публика во Истанбул го победи рускиот тим со 91-83.
Дарушафака во неколку наврати имаше и највисоки 18 поени предност, а во последната четвртина влезе со +16 (73:57). И покрај високата негатива ЦСКА успеа да се врати во игра, па на минута до крајот имаше само еден поен помалку од противникот. Сепак, европскиот шампион не успеа до крај да направи пресврт, па за прв пат сезонава московскиот тим мораше да честита победа на противникот.
Со тоа веќе нема непоразрена екипа во Евролигата.
Вечерва се играат уште три средби: Олимпијакос – Барселона, Жалгирис – Галатасарај и Реал Мадрид – Панатинаикос.
На натпреварите одиграни вчеравечер беа постигнати овие резултати: Макаби – Фенербахче 87:77, Анадолу Ефес – Уникс Казан 104:99, Бамберг – Црвена Звезда 78:79 и Армани Милано – Басконија 88:76.
Табела: ЦСКА Москва 6-1 (победи-порази), Дарушафака 5-2, Реал Мадрид 4-2, Панатинаикос 4-2, Барселона 4-2, Басконија 4-3, Армани Милано 4-3, Фенербахче 4-3, Олимпијакос 3-3, Макаби 3-4, Црвена Звезда 3-4, Анадолу Ефес 3-4, Бамберг 2-5, Уникс Казан 2-5, Жалгирис 1-5, Галатасарај 1-5.