Македонската репрезентација во хокеј на мраз утре ќе го одигра првиот меѓународен натпревар. Противник ќе и биде селекцијата на Бугарија (У-20), а по тој повод денеска беше организирана и прес-конференција во Агенцијата за млади и спорт.
– Престојниот викенд ќе бидеме сведоци на историски исчекор на македонскиот хокеј на мраз, бидејќи Македонија ќе го одигра првиот официјален натпревар, како домаќин. Агенцијата за млади и спорт во континуитет дава поддршка на Македонската хокеј федерација, во насока на промоција на овој спорт и приближување до младите генерации. Имено, годинава за меѓународните активности на федерацијата, но и за организацијата на меѓународниот хокеј турнир „Скопје 2014″ од буџетот на АМС беа издвоени 350.000 денари. Соработката на АМС со хокеј федерацијата ќе се продлабочи уште посериозно во наредниот период, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.
Претседателот на Хокеј федерацијата на Македонија, Никола Тасев истакна дека неколку години се подготвувале за да дојде до овој чин.
– Овој натпревар е круна на оваа година, по турнирот што се одржа во октомври. Играме против репрезентацијата на Бугарија У-20 со цел да видиме до каде сме и да се пријавиме во квалификациите за хокеј на мраз. Како што е познато ние досега игравме квалификации во ин-лајн хокеј, а ова се првите чекори кон квалификациите на мраз. Планирани се и пријателски натпревари за идната година со репрезентациите на Босна и Херцеговина и Турција.
Селекторот Јуре Внук, кој доаѓа од Словенија верува дека во Македонија има талент за хокеј и дека спортот може да расте.
– Нашата репрезентација е мешавина на искуство и младост, која мислам дека може да се развива во позитивна насока. Од утрешниот натпревар не очекуваме многу во смисла на резултатот. Сакаме да видиме до каде сме во играта и организацијата. Заедно растеме и гледам големи можности за развој на овој спорт во Македонија, истакна селекторот Внук.
Натпреварот се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 14 часот, додека за недела е закажан и вториот дуел со почеток во 10:30 часот.