Со двата натпревари што ќе се играат вечерва, продолжува разигрувањето, односно четврт-финалната фаза во кошаркарската Евролига.
Екипите на Фенербахче и ЦСКА Москва ќе ја имаат првата меч топка во дуелите со Макаби и Панатинаикос, за влез во полуфиналето.
Во Тел Авив, актуелниот европски шампион Макаби, доколку сака да остане во игра, ќе мора да го победи Фенербахче, во спротивно турскиот тим со триумф ќе обезбеди пласман на завршниот „Фајнал фор’’ турнир.
Во иста ситуација е и грчкиот Панатинаикос, кој има негатива од 0-2 во победи против московска ЦСКА.
Мечот во Тел Авив започнува од 20 часот, а средбата во Атина од 45-минути подоцна.
За утре, закажани се третите дуели од четвртфиналето меѓу, Олимпијакос – Барселона (1-1 во победи) и Анадолу Ефес – Реал Мадрид (0-2).
Потсетување дека пласман на „Фајнал-фор’’ турнир кој годинава ќе се одржи во Мадрид на 15 и 17 мај, ќе обезбедат екипите кои први ќе остварат три победи.