Продажбата на дресови на фудбалската репрезентација на Исланд драстично се зголеми за дури 1.800 отсто по големиот успех на Европското првенство во Франција, соопшти компанијата Униспорт.
Униспорт, најголемиот малопродажен трговски синџир во Скандинавија, остана без ниту еден дрес на Исланд во продажба по големата побарувачка ширум светот.
– Пред почетокот на првенството имавме очекувања од продажбата на дресови на репрезентацијата на Исланд, но ова ги надмина сите проценки. Дресот на Исланд стана култен, изјави Филип Домагал, генерален директор на данската компанија.
Дебитант на турнирот е најголемото изненадување на Европското првенство откако Ф-групата ја заврши на второ место со два нерешени натпревара против Португалија (1:1) и Унгарија (1:1) и победа над Австрија (2:1).
Исланѓаните во осминафиналето на Европското првенство играат против Англија.