Повеќе од 600 дечиња денеска се натпреваруваа во „Колгејт“ мини маратонот, кој почна од плоштадот пред црквата Св. Димитрија во правец кон плоштадот „Карпошово востание“ преку Камен мост, а се финишира на плоштадот „Македонија“.
– Вклучувајќи ги и најмладите во овогодинешниот маратон на еден ден пред главната трка, со детскиот „Колгејт“ мини маратон им овозможивме учество на преку 600 дечиња од основните училишта во најмасовниот настан во нашиот главен град, изјави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.
Детската трка имаше и хуманитарен карактер, беа вклучени и деца со даунов синдром, од здружението „Триасомија 21“ предводени од клубот „Ескрим“, кои добија донација од спортска опрема од спонзорот на трката.
Оваа година промотор на Виз Ер Скопски Маратон 2014 е спортската ѕвезда од светски калибар, тоа е рекордерот во маратон, Кениецот Вилсон Кипсанг, кој денес им ги подели медалите на победниците во женска и машка конкуренција на детскиот мини маратон.
– Навистина е убаво кога ќе се види во еден град да има толку голем интерес за маратонска трка и затоа ги охрабрувам сите, без разлика дали се аматери или професионалци, да не се двоумат и да учествуваат во вакви настани, зошто ова е нешто што ќе им остане во сеќавање, изјави Кипсанг.
На победничкиот подиум во детската трка во машка категорија се искачија: Шаиб Шаќир – победник, Филип Ѓоргиевски – второ место и Јане Насевски – трето место.
Во женска конкуренција прво место освои Анеса Хајдари, второт место и припадна на Ивона Русевска и трето пласирана е Симона Димитриевска.