Македонскиот шампион Вардар го загуби првиот натпревар од 2.коло од квалификациите од Лигата на шампионите. На Националната Арена „Филип Втори“ поуспешен синоќа беше хрватскиот првак Динамо Загреб со 2:1 (2:0). „Вардарци“ можат само да жалат што немаат позитивен резултат особено што во два наврати ја погодија стативата и еднаш пречката.
Првата шанса за промена на резултатот ја имаше Петар Петковски, но имаше слаба завршница. Динамо поведе по грешката на Немања Мијушковиќ во 21.минута, а на 2:0 зголеми Марко Рог по уште една лоша реакција на одбраната на Вардар. Петковски во финишот на првиот дел ја погоди стативата од голот на гостите.
На почетокот на вториот дел (55 минута) Хоф Хамбарџумјан успеа да го совлада голманот на Динамо и да намали на 1:2. И госите еднаш ја погодија стативата по ударот на Анте Чориќ. Вардар преку резервистот Обрегон уште еднаш го погоди дирекот од голот на Динамо (82.минута), а последната шанса за изедначување Вардар ја испушти во 90.минута кога по ударот на Дамир Којашевиќ топката заврши во пречката.
Реванш дуелот се игра на 20 јули во Загреб.