Полумаратонска натпреварувачка и рекреативна трка, по повод Денот на општина Велес 9-ти Ноември, се одржа денеска во градскиот парк во Велес, во организација на Советот на млади при општина Велес.
Според Филип Спиркоски претседател на Советот на млади, на трката право на учество имел секој заинтересиран граѓанин, а во две трки полумаратон и трката за рекреативци учествувале околу 300 натпреварувачи од Македонија, како и учесници од Грција, Србија, Велика Британија и САД.
Мијалче Андоновски, еден од организаторите на полумаратонската трка, информира дека на 21 километар учествувале околу 121 натпреварувач, а 158 учесници на петкилометската рекреативна трка.
– Ова е празник на спортот, а задоволство е да се види Градскиот парк преполн со спористисти и рекреативци. Се надеваме дека трката догодина ќе биде уште помасовна, а ќе се трча низ градските улици на Велес, најави Андоновски.
Градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски појасни дека законска обврска на општините е да го поддржуваат прво масовниот спорт.
– Ова е таков убав пример, и тоа ќе го правиме со задоволство, да го поддржува училишниот спорт, а за врвните спортови, колку што има општината пари толку и ќе се дава поддршка. Има и други приоритетни работи што треба да се направат во општина Велес, потенцира Коцевски.
На полумаратонската трка учествуваше и актуелниот министер за финансии Драган Тевдовски.
Првото место во полумаратон мажи го освои Кокан Ајановски од „Најк Ран Клуб“ од Скопје, второто Ненад Живковиќ АРК „Маратонац“ од Крушевац, а третото Марио Ивановски од АК„Вардар“ од Скопје.
Кај жените во полумаратон прва беше Тања Велјановска Савевска од АК „Делта“ од Скопје, втора Катарина Павловиќ од АРК „Маратонац“ од Крушевац Србија и трета Катерина Шиповиќ од „Најк Ран Клуб“ од Скопје.
Кај рекреативците прв беше Илија Младеновиќ од АРК „Маратонац“ од Крушевац Србија, а кај жените Марго Бојаџиева од АК „Делта“ од Скопје.